
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, соопшти дека од досега проверените 2.810 лиценци во Министерството за транспорт и врски, одземени се вкупно 427 лиценци во секторите за градба, проектирање и надзор.
Според него, најголем дел од одземените лиценци се однесуваат на изведувачи на градба од Б категорија, каде што бројката достигнува 198.
Николоски нагласи дека Владата, заедно со Министерството, веќе спроведува интензивна проверка на сите издадени лиценци и овластувања, со цел зголемување на контролата и почитување на законските процедури во градежниот сектор.
„Денес имам нови бројки имајќи предвид дека вработените во Министерството за транспорт работат и денес и утре. Иако сме на раб на законот, донесовме одлука да ја направиме оваа контрола. Вкупниот број на издадени лиценци во делот на градба, проектирање, надзор, изработка на детални урбанистички планови е некаде над 3.000 лиценци. Скоро сите се прегледани. До денес прегледавме 2.810 лиценци, а бројката на одземени лиценци е 427. Тие се однесуваат во делот на градба, надзор, проектирање, изработка на детални урбанистички планови. Најголемата е бројката на изведувачи на градба во Б категорија, тоа е практично се што не е врвен државен објект, меѓу што и станбени згради. Таму ќе се одземат 198 лиценци. Во понеделник таа работа ќе биде завршена, а во вторник ќе имаме конкретни бројки и со име ќе ги извадиме сите носители на лиценци на сите носители на кои ќе им бидат одземени лиценците. За истото ќе го известиме надлежното обвинителство и МВР“, кажа вицепремиерот Николоски.