Жителите на македонската заедница во Италија се простуваат од 78-годишниот Исмаил Асаноски, кој го загубил животот во тешка сообраќајна несреќа во италијанската провинција Тревизо.
Несреќата се случила на 29 октомври, околу 15:40 часот, на улицата Страдонели во местото Сусегана, во близина на центарот за собирање отпад.
Асаноски, кој живеел во Конељано, управувал автомобил „Шкода Кодијак“ и се движел кон Санта Лучија ди Пјаве. Во еден момент дошло до директен судир со камион натоварен со чакал.
Според првичните информации, постои можност на возачот ненадејно да му се слошило додека бил зад воланот, по што изгубил контрола над автомобилот и преминал на спротивната коловозна лента. Сепак, ова засега е само една од можните верзии и не е официјално потврдена.
Последиците од судирот биле катастрофални. Предниот дел од автомобилот бил целосно уништен, а 78-годишниот маж останал заробен во возилото.
Возачот на камионот, 61-годишен маж, поминал без повреди и веднаш повикал помош, обидувајќи се да му помогне на повредениот.
На местото интервенирале противпожарни екипи, брза помош и медицински хеликоптер. Спасувачите успеале да го извлечат Асаноски од уништениот автомобил, но и покрај обидите за реанимација, неговиот живот не можел да биде спасен.
Зад себе оставил семејство и три деца
Исмаил живеел во Италија, каде што го изградил својот живот и семејство. Зад себе оставил сопруга и три деца, кои работат во градежниот сектор и ја поседуваат компанијата „Биг Коструциони“ во Понте дела Приула.
Веста за неговата смрт предизвикала голема тага меѓу луѓето кои го познавале.
Со емотивни зборови од него се простил и имамот на Исламскиот културен центар „Еманет“ во Сусегана, кој истакнал дека Асаноски бил човек со големо срце, великодушен и секогаш подготвен да им помогне на другите.
Особено бил познат по хуманоста, а заедно со своите синови им помагал на луѓето кои се соочувале со тешки животни околности.
Во меѓувреме, италијанската полиција продолжува со истрагата за да се утврдат точните причини и околности кои довеле до фаталната несреќа, пренесува newz24live.com.


