Само две недели по повторното отворање на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“, во еден од тоалетите се појавил проблем со канализацијата поради неправилно фрлени влажни марамчиња.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје интервенирале во објектот и го отстраниле дефектот, а просторијата била исчистена по интервенцијата.
Случајот го сподели министерката за образование и наука Весна Јаневска, која упати апел до студентите да имаат поголема одговорност кон просторот што го користат.
Таа посочи дека влажните марамчиња не треба да се фрлаат во тоалетната школка, бидејќи материјалите тешко се разградуваат и можат да предизвикаат затнување и посериозни проблеми во канализацискиот систем.
Јаневска нагласи дека во реконструкцијата на студентскиот дом се вложени значителни средства, време и труд, со цел студентите да добијат подобри и современи услови за престој.
Според неа, грижата за објектот не е само обврска на институциите, туку и на сите студенти кои ги користат неговите простории.
„Стив Наумов“ треба да биде простор кој ќе им служи не само на сегашните, туку и на идните генерации студенти. Оттаму, министерката повика заедничките простории и опремата да се користат внимателно и одговорно.
Апелот е студентите да покажат поголема совесност и да придонесат реконструираниот дом да остане во добра состојба што подолго.
Веста ја пренесува Kurir.mk



