Кога постои силна желба да се стигне до целта, ниту еден предизвик не изгледа недостижен. Тоа уште еднаш го покажа Беира Салифоска – Беки, која со целосно оштетен вид од раѓање успешно ја заврши полумаратонската трка на овогодишниот Wizz Air Скопски маратон.
Заедно со својот асистент, Беира помина неверојатни 21 километар, покажувајќи дека истрајноста, довербата и поддршката можат да бидат силен двигател кон остварувањето на целите.
Нејзината врска со Скопскиот маратон не е нова. Пред неколку години таа учествуваше на трката на 5 километри, а овојпат се одлучи за далеку поголем предизвик – полумаратонската дистанца.
Од Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје со гордост го одбележаа нејзиниот успех, упатувајќи ѝ честитки за постигнатиот резултат.
Нејзината приказна, сепак, не се поврзува само со спортот. Беира е и првото лице со оштетен вид во Македонија кое одбранило дипломска работа изработена на Брајово писмо, што претставува уште едно значајно достигнување во нејзиниот животен пат.
Токму затоа, нејзиното учество на полумаратонот е многу повеќе од завршени 21 километар. Тоа е пример дека секоја нова цел може да биде достижна кога зад неа стојат храброст, дисциплина и силна волја.
Километар по километар, чекор по чекор, Беира стигна до целта и уште еднаш покажа дека вистинската сила не се мери со пречките што ги имаме, туку со решеноста да продолжиме напред.
Веста ја пренесува Skopjeinfo.mk
