Една од најекстремните забавни атракции во светот е надвор од употреба повеќе од еден месец, откако две жени претрпеле сериозни повреди на мозокот во инциденти што се случиле во период од само шест дена.
Станува збор за „Икс2“, атракција во забавниот парк „Сикс Флагс Меџик Маунтин“ во Калифорнија. Според истрагата на Си-Ен-Ен, објавена кон крајот на август, ова не е првпат атракцијата да биде поврзана со сериозни здравствени последици. Во текот на годините биле регистрирани случаи на тешки повреди на главата, кома, па дури и смрт.
„Икс2“ е таканаречен ролеркостер од 4Д генерацијата. За разлика од класичните ролеркостери, седиштата не се движат само по патеката, туку можат независно да се ротираат за 360 степени.
Возилото достигнува брзина од околу 122 километри на час, а патувањето вклучува речиси вертикални спуштања, ненадејни промени на правецот и брзи ротации. Целата авантура трае приближно две минути.
И покрај екстремниот карактер на возењето, паркот со години ја претставува атракцијата како искуство наменето за најхрабрите посетители, опишувајќи ја како своевиден „ритуал на премин“ за вистинските љубители на адреналинот.
Но, најновите инциденти повторно ги отворија прашањата за безбедноста на една од најпознатите и најагресивни ролеркостер-атракции во светот.
Веста ја пренесува Rikosetemisija.
