Невообичаена сцена го привлекла вниманието на граѓаните во центарот на Куманово, откако две жени влегле во физичка пресметка среде бел ден.
Инцидентот, според информациите објавени од локалниот портал „Куманово Сот“, се случил на градскиот плоштад, во непосредна близина на споменикот „Батко Ѓорѓија“.
На снимката која кружи на социјалните мрежи се гледа како околу двете жени се собираат повеќе лица. Дел од присутните се обидуваат да интервенираат и да ги раздвојат учесничките, со цел да спречат ситуацијата дополнително да ескалира.
Засега останува непознато што точно ја предизвикало расправијата и како дошло до физичката пресметка. Нема ниту потврдени информации дали некоја од жените се здобила со повреди.
Во овој момент нема официјална потврда ниту дали случајот бил пријавен во полиција, како и дали надлежните институции презеле конкретни мерки во врска со настанот.
Снимката во меѓувреме предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде што граѓаните коментираат за случувањата во центарот на градот.
Веста ја пренесува Newz24live.com
