Маж бил каснат од змија во близина на Автобуската станица во Ниш и по инцидентот бил пренесен на Инфективната клиника при Универзитетскиот клинички центар во Ниш.
За среќа, лекарите утврдиле дека станува збор за каснување од неотровна змија, поради што немало потреба од примена на противотровен серум. Пациентот бил задржан на набљудување од претпазливост, а поради благата клиничка слика било проценето дека нема потреба од понатамошен болнички третман.
Од нишкиот УКЦ посочиле дека мажот бил примен откако змијата го каснала за ногата. По лекарскиот преглед било утврдено дека не станува збор за отровница, а пациентот по набљудувањето требало да биде пуштен дома.
Инцидентот се случил во урбана зона, на површина обрасната со густо грмушесто зеленило. Иако појавата на змија во близина на фреквентен дел од градот може да предизвика страв кај граѓаните, експертите објаснуваат дека ваквите ситуации не се толку невообичаени.
Херпетологот Данко Јовиќ од Заводот за заштита на природата во Ниш објаснува дека змиите можат да се појават и во градските средини доколку таму има доволно храна. Особено привлечни за нив се местата каде што има глодари.
Според него, присуството на глодари, отпад и запуштени зелени површини може да биде причина змиите да се доближат до населените места.
Во градовите најчесто може да се сретнат неотровни змии, меѓу кои и смокови. Тие по правило не се агресивни и не напаѓаат луѓе, туку можат да каснат доколку се почувствуваат загрозени или доколку некој се обиде да ги фати.
Експертот смета дека токму таква реакција е можна и во овој случај – змијата веројатно се почувствувала загрозено поради ненадејната близина со човекот.
Иако каснувањето од смок не е опасно поради отров, самата повреда сепак не треба да се игнорира. Раната може да се инфицира, па затоа при каснување од змија се препорачува медицински преглед.
Случајот во Ниш е уште еден потсетник дека во текот на топлите месеци змиите можат да се појават и во урбаните средини. Особено треба да се внимава во запуштени, високи и густи тревни површини, како и на места каде што има отпад и зголемено присуство на глодари.
Веста ја пренесува Nistv.rs
