Пожарот што утринава избувна во салон за нега на домашни миленици во загрепската населба Стењевец доби драматичен пресврт откако пожарникарите во задимениот објект пронајдоа 27-годишна жена без свест, а покрај неа било нејзиното куче.
Огнот избувнал околу 5:30 часот. Неколку граѓани се обиделе да интервенираат со противпожарни апарати, но пламените јазици веќе биле проширени во дел од салонот.
Кога пристигнале пожарникарите, објектот бил заклучен, поради што морале насилно да влезат внатре. Откако го локализирале пожарот, започнале со вентилација на просторот и детално пребарување на просториите.
Во една од нив ја откриле младата жена. Иако просторијата не била директно зафатена од пламените, таа била во бессознание поради вдишувањето чад.
Пожарникарите веднаш ѝ укажале прва помош и ѝ обезбедиле кислород, а потоа ја предале на медицинскиот тим. Жената била пренесена во Клиничката болница „Свети Дух“ на понатамошно лекување поради труење од чад.
Но, покрај неа имало уште еден преживеан.
Нејзиното куче не се оддалечило од сопственичката додека таа лежела без свест. Животното останало крај неа во опасниот и задимен простор сè до моментот кога пожарникарите ги пронашле и ги извлекле на безбедно.
Кучето исто така било спасено, а додека жената се опоравува, за него ќе се погрижат надлежните служби.
Засега не е познато што го предизвикало пожарот. Полицијата утврдила дека дел од салонот бил зафатен од огнот, а истрагата треба да ги даде одговорите за причините и околностите под кои избувнал пожарот.
Веста ја пренесува Racin.mk

