Вистинска драма се одвивала на меѓународниот аеродром „Сукарно-Хата“ во Џакарта, каде пилот на „Малезија ерлајнс“ бил уапсен под сомнение дека се обидел да прошверцува голема количина наркотични средства. Според индонезиските власти, постојат сомневања дека пилотот бил под дејство на дрога додека го управувал авионот во кој се превезувале најмалку 170 патници.
Безбедносните камери го снимиле моментот кога 39-годишниот малезиски државјанин, идентификуван со иницијалите М.С., по пристигнувањето го подигнал својот багаж и се упатил кон излезот. Иако првично бил насочен кон специјалната лента за летачки екипаж, царинските службеници решиле дополнително да го прегледаат.
При деталната контрола, службениците во неговиот куфер пронашле повеќе од 70.000 таблети екстази со вкупна тежина од околу 26 килограми, како и четири грама метамфетамин. Откритието веднаш довело до негово приведување.
За време на распитот, осомничениот признал дека за транспортот на дрогата требало да добие награда од околу 50.000 малезиски рингити, односно повеќе од 12.000 американски долари. Според неговите искази, по пристигнувањето во Џакарта требало да се смести во хотел, каде што ќе ја извршел примопредавањето на дрогата. Истражителите наведуваат дека тој признал и претходни случаи на пренесување метамфетамин.
Дополнително, полицијата пронашла шишенце со урина за кое се сомнева дека било наменето за манипулирање со резултатите од евентуален тест за дрога. Лабораториските анализи покажале присуство на MDMA, екстази, метамфетамин и кокаин во неговиот организам.
Надлежните служби соопштија дека постои основано сомнение оти пилотот консумирал наркотични супстанции пред или за време на летот од Куала Лумпур до Џакарта, што дополнително ја зголемува сериозноста на случајот.
Од „Малезија ерлајнс“ потврдија дека целосно соработуваат со истражните органи и дека е започната внатрешна истрага. Компанијата нагласи дека има политика на нулта толеранција кон какво било незаконско или неодговорно однесување на своите вработени.
Осомничениот моментално се наоѓа во притвор и се соочува со обвиненија за трговија со наркотични средства. Бидејќи Индонезија има едни од најстрогите закони за дрога во светот, доколку биде прогласен за виновен, му се заканува доживотен затвор или смртна казна, во зависност од одлуката на судот и применливите законски одредби.
Веста ја пренесува Wionews.
