Грција се соочува со една од најтешките пожарни кризи ова лето, а ситуацијата дополнително се влоши откако два противпожарни хеликоптери се судрија за време на интервенција во западниот дел од областа Атика, недалеку од Атина.
Според грчката противпожарна служба, несреќата се случила во поширокото подрачје на Псата, каде екипите воделе жестока битка со огнената стихија. Во секој од хеликоптерите имало по двајца членови на екипажот, а веднаш по судирот е започната обемна акција за нивно пронаоѓање и спасување.
Станува збор за хеликоптери од типот „Бел“, кои биле ангажирани од грчката противпожарна служба за гаснење на пожарите што со денови пустошат низ земјата.
Во меѓувреме, силните ветрови дополнително го отежнуваат гаснењето на огнот. Пламените јазици се шират кон населени места и индустриската зона во близина на Мегара, а неповолните временски услови ги ограничуваат воздушните операции, бидејќи леталата имаат потешкотии при полнењето вода од морето.
Пожарите продолжуваат да беснеат на повеќе локации низ Грција. Илјадници жители и туристи се евакуирани од загрозените подрачја. На островот Крит огнот зафатил огромни површини, а околу 8.000 лица биле привремено евакуирани. Дополнителни евакуации се спроведени и во централниот дел на земјата, како и на островите Парос, Андрос и Калимнос.
Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, предупреди дека земјата се наоѓа во услови на екстремни временски прилики и најави дека претстојат исклучително тешки денови во борбата против пожарите.
Грција е меѓу европските држави најсилно погодени од серијата топлотни бранови што создадоа идеални услови за брзо ширење на шумските пожари. Додека делови од Франција и Шпанија постепено ја стабилизираат состојбата, грчките власти и натаму водат интензивна битка за ставање на огнената стихија под контрола.
