Пациентите на кои им е неопходна биолошка терапија, а не успеале да ја добијат преку Клиниката за ревматологија, се соочуваат со огромен финансиски товар. Наместо лекувањето да им биде достапно преку здравствениот систем, дел од нив се принудени сами да ги обезбедуваат скапите лекови, што ги носи до продажба на недвижности, задолжување со кредити или позајмување пари од блиски.
Се дознава дека единствен начин да ја продолжат терапијата и да спречат дополнително влошување на здравствената состојба е лековите да ги набавуваат од соседните земји, најчесто од Србија, Грција и Турција. Според нивните сведоштва, трошоците достигнуваат астрономски суми, а има случаи во кои за лекување биле издвоени повеќе од 130.000 евра од сопствен џеб.
Според информациите, конечната одлука за тоа кои пациенти ќе бидат вклучени на биолошка терапија ја носи специјална комисија при Клиниката за ревматологија. Додека во минатото ова тело функционирало со тројца членови, во последните години неговиот состав е проширен и сега брои шест лекари.
Извори запознаени со работата на комисијата тврдат дека во неа членуваат ревматолози кои важат за блиски до актуелната директорка Емилија Секуловска. Според истите информации, влијанието на една членка е особено изразено, бидејќи нејзиниот став има клучна тежина при носењето на одлуките и при изготвувањето на конзилијарното мислење, кое на крајот се заверува со потписите на членовите на комисијата.
Веста ја пренесува Fokus.mk
