Фото: Принтскрин
Министерството за внатрешни работи информира дека е ставен крај на истрагата за убиството на скопскиот лекар Ацо Трповски, кој беше пронајден мртов на 21 март 2024 година во населбата Автокоманда.
Во рамки на полициската акција, слободата им е одземена на двајца брачни партнери од Скопје – М.В. (65) и С.В. (59), за кои постои сомнение дека се поврзани со извршувањето и прикривањето на злосторството.
Од СВР Скопје посочуваат дека по спроведените оперативни активности, прибраните материјални докази и постапувањето по насоки од јавен обвинител, против осомничениот маж е поднесена пријава за „убиство“, додека неговата сопруга се товари за помагање по извршувањето на кривичното дело.
Според досегашните сознанија од истрагата, жената наводно организирала средба со Трповски на паркинг простор во Автокоманда и се качила во неговото возило. По кратко време, на местото пристигнал нејзиниот сопруг, кој, според сомнежите на истражителите, го нападнал лекарот и му нанел повеќе убодни повреди со остар предмет, по што Трповски починал.
По трагичниот настан, осомничените, според полициските наводи, се обиделе да ги сокријат трагите. Телото било пренесено со автомобилот до паркингот во близина на Поликлиниката „Железара“, каде било оставено во возилото.
Полицијата наведува дека потоа жената наводно ги отстранила трагите од автомобилот, а двајцата го напуштиле местото.
Случајот е расчистен по повеќемесечна истрага, а понатамошната постапка ќе ја водат надлежните институции.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
