Косовската полиција извести дека синоќа, непосредно пред полноќ, во северниот дел на Косово, поточно во општината Звечан, се случила експлозија. Според првичните информации, се претпоставува дека експлозијата е предизвикана од рачна бомба, фрлена врз зградата на општината.
Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, потврди дека во инцидентот нема повредени лица, но настанала материјална штета. Покрај оштетувањето на општинската зграда, уништени се и четири автомобили кои биле паркирани во близина на местото на експлозијата.
Според прелиминарната истрага, се смета дека е употребена рачна бомба од типот М-75. Надлежните органи продолжуваат со истрагата за да утврдат детали околу мотивите и сторителите на овој чин.