Тажна вест вечерва ја потресе јавноста: на 64-годишна возраст почина Виолета Мојсова, долгогодишна судијка во Основниот суд Велес, која зад себе остави значаен и препознатлив белег во македонското правосудство.
Мојсова почина во својот дом, а со нејзиното заминување правната заедница губи професионалец кој со децении ја извршуваше судиската функција со висок степен на посветеност, стручност и интегритет.
Својата кариера ја започна во декември 1988 година, кога била избрана за судија во Основниот суд Велес. Најголем дел од работниот век го помина во граѓанската материја, каде стекна големо професионално искуство и почит од колегите. Во текот на својата работа, повеќепати ја извршувала и функцијата вршител на должноста претседател на судот.
Во нејзина чест, утре во Основниот суд Велес ќе се одржи комеморативна седница, на која колегите и соработниците ќе се простат и ќе се потсетат на нејзиниот професионален пат и човечките квалитети по кои ќе остане запаметена.
Нејзината смрт претставува голема загуба за семејството, пријателите, колегите и сите што ја познаваа и со неа соработуваа.
Зад себе остави сопруг и две деца.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре (23 јуни) во 11:00 часот на Градските гробишта во Раштани, каде ќе може да ѝ се оддаде последна почит.
Нека ѝ е вечна слава и светол спомен.
Веста ја пренесува Newz24live.com

