Бојан Илиевски е победник на 19. сезонa од музичкото шоу Ѕвездите на Гранд, но самиот признава дека никогаш не очекувал да стигне до самиот врв.
Во искрен разговор за медиумите, тој откри дека зад себе има тежок животен период исполнет со големи предизвици. Еден од најтешките моменти за него бил губитокот на мајка му, по што, како што вели, изгубил волја за живот и подолг период се повлекол од работа и обврски.
Покрај тоа, Бојан отворено зборува и за проблемите со коцкање, период во кој, според неговите зборови, бил блиску до тоа да тргне по погрешен пат. Сепак, со време успеал да се соочи со сè и да направи целосен пресврт во животот.
Тој нагласува дека токму поддршката од публиката, како и работата со неговиот ментор, биле клучни за неговиот успех во натпреварувањето. Иако не очекувал победа, вели дека трудот и упорноста на крај донеле резултат.
Бојан раскажува дека ова е најголемиот успех во неговиот живот досега и дека низ годините немал многу можности за вакви достигнувања, бидејќи животот не бил лесен за него.
Посебно емотивно е и неговото сеќавање на детството, бидејќи по раната смрт на родителите, најголема поддршка му била неговата баба.
Иако поминал низ тешки периоди, тој успеал да го заврши своето редовно и музичко образование, вклучувајќи студии на музичка академија во Словенија, што дополнително го прави неговиот пад во криза уште понеочекуван.
Бојан открива дека проблемите започнале особено по смртта на мајка му во 2021 година, по што речиси цела година се повлекол од професионалниот живот.
Сега, по победата, вели дека најпрво ќе се посвети на смирување и одмор, а потоа ќе размислува за идните планови. Најавува и концерти, а како посебен гостин планира да го покани својот ментор Ѓорѓе Давид, со кого сака да продолжи да соработува и на сцената.
Веста ја пренесува Grand.nova.rs


