Фото: Принтскрин
Д-р Емилија Котеска Аврамчева го загубила животот во тешка сообраќајна незгода на автопат на влезот на Варшава, Полска.
„Македонската амбасада во Варшава, со голема тага, ја споделува веста за смртта на д-р Емилија Котеска Аврамчева, која во раните утрински часови почина од последиците на трагичен сообраќајен инцидент кој се случи вчера попладне, на автопат на влезот на Варшава.
Би сакал да изразам најдлабоко сочувство до нејзиното семејство : ќерката Магдалена, синот Константин, мајката и сестрата. Загубата е огромна и ненадоместлива.
Д-р Емилија беше личност со извонредна енергија : исклучително успешна во својата професија како доктор, извонреден менаџер на нејзината приватна поликлиника во Жирардов со преку 70 вработени доктори, успешен бизнисмен и претприемач, но, истовремено,целосно посветена на „македонската кауза“ во Полска (и самата беше ќерка на бегалец од Егејска Македонија).
Таа постојано беше еден од носечките столбови на македонската заедница во Полска, секогаш подготвена да помогне. Само пред десетина дена таа прва донираше средства за Спомен-обележјето кое ќе се подигне во Полице-градот кој беше собирен центар за децата-бегалци во 1949 година.
Таа имаше извонредна мрежа на контакти во Полска, на највисоко ниво. Нема да заборавам како, користејќи ги контактите со највисоките функционери во Полска, ја одигра клучната улога за да Полска прифати на лекување двајца пациенти од трагедијата во Кочани.
На минатогодишниот прием по повод нашиот Национален празник го обезбеди присуството на Лешек Милер, премиерот на Полска во чие време земјата влезе во ЕУ.
Имавме чести средби. Беше подготвена да помогне во секој поглед на Амбасадата. Истото искуство го имаа сите дипломати од претходните состави во Амбасадата.
Не пропушташе ниту еден настан организиран од Амбасадата. Имаше средби во Амбасадата во Варшава, но и во Скопје со ЗМНР Димитровски. На приемот во март во Амбасадата, имаше долг, срдечен разговор со претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
И покрај нарушеното здравје, се уште имаше големи планови : инвестиции во нашата земја, отворање нова поликлиника во Варшава…Едноставно-беше неуморна, енергична, храбра жена, која и (ретките) неуспеси ја правеа уште поцврста и поупорна.
За македонската заедница во Полска ова е ненадоместлива загуба-таа беше еден вид симбол на меѓусебното поврзување на релативно малиот број Македонци во оваа голема земја.
Јас и мојата сопруга нема никогаш да ја заборавиме помошта која ни ја укажуваше со (не само) медицински совети…
Почивај во мир, драга докторке Емилија“, објавија од македонската амбасада во Полска.
