Дваесет и едногодишната бразилска студентка Марија Едуарда Родригес де Фреитас трагично го загубила животот за време на банџи-скок, откако била турната од мост без да биде правилно закачена за безбедносното јаже. Според истрагата, се работи за сериозен пропуст на инструкторите, кои наводно заборавиле да ја поврзат опремата.
Несреќата се случила на напуштен мост познат како „Мост на скелетите“ во сојузната држава Сао Паоло, Бразил. Девојката паднала од висина од околу 40 метри.
Медицинска сестра која прва пристигнала на местото, Раиза Дијаз, изјавила дека и покрај тешките повреди, студентката во тој момент сè уште била жива.
„Кога стигнавме, таа уште дишеше и имаше многу слаб пулс. ѝ зборував дека нема да дозволам смрт во мојата смена“, изјавила Дијаз за локалните медиуми.
По трагедијата, властите привеле шест лица поврзани со организацијата на скоковите, а тројца од нив се сомничат за убиство со евентуална намера. Тие во своја одбрана тврдат дека за време на подготовките биле дезориентирани и не знаат кој ја извршил последната проверка на опремата.
Дополнителна контроверзија предизвикал и сведок кој чекал за својот скок. Тој тврди дека еден од вработените ја отстранил акционата камера од телото на девојката додека таа сè уште лежела на земја, што отвора сомнеж за можни обиди за прикривање докази.
Полицијата потврдила дека Марија носела камера за време на скокот, но таа сè уште не е пронајдена, а персоналот тврди дека не знае каде се наоѓа.
Видео-снимките од настанот покажуваат дека таа имала заштитна кацига и појас, но клучното јаже не било прицврстено и лежело на земја во моментот на скокот. Во моментот на туркањето, присутните панично реагирале со извици за јаже.
Дополнително, се наведува дека само неколку часа пред несреќата, девојката на социјалните мрежи објавила фотографија со предупредување „Опасност – ризик од смрт“, што трагично добива ново значење по настанот.
Веста и видеото ги пренесува Skopje1.mk
Видеото може да го погледнете тука!



