Полицијата го приведе 24-годишниот К.К. од Скопје, кој се сомничи дека оштетил вкупно 11 гробни места на Градските гробишта во Бутел.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека приведувањето се случило вчера во 17:50 часот на подрачјето на Шуто Оризари, каде што полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода лицето.
Според пријавата во МВР, на 12 јуни околу 17:00 часот вработен на Градските гробишта во Бутел забележал младо лице, идентификувано како К.К., како со метален предмет оштетува гробни споменици, по што тој го напуштил местото.
По преземени оперативни мерки и активности, полицијата го лоцирала и го привела осомничениот, по што бил спроведен во полициска станица.
Од МВР додаваат дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Овој инцидент предизвика силни реакции во јавноста, откако беше потврдено дека се оштетени 11 гробни места на гробиштата во Бутел.
Веста и фотографијата ги пренесува Skopje1.mk
