Советот на Општина Карпош, на својата 14-та седница, донесе одлука за финансиска поддршка на семејствата кои ги загубија своите најблиски во тешката сообраќајна несреќа што се случи на скопската обиколница. За секоја од четирите жртви ќе биде исплатена еднократна парична помош во висина од 100.000 денари.
Од локалната самоуправа упатија сочувство до семејствата и истакнаа дека оваа мерка е симболичен чин на солидарност и поддршка во моментите на голема болка.
Во трагичниот настан животот го загубија оперскиот уметник Ристе Велков, неговиот син Адам Велков, како и нивните пријатели Марко Ѓорѓиевски и Петар Миланов.
Несреќата се случила кога камион ја пробил заштитната ограда и навлегол во спротивната коловозна лента, при што директно се судрил со автомобилот во кој се наоѓале жртвите.
Со оваа финансиска помош, Општина Карпош настојува барем делумно да им помогне на семејствата во надминувањето на последиците од оваа голема трагедија.
Веста ја пренесува 24chasa.mk
