Скопје ЗОО доби нови жители откако кај белите волци се родија две мали волчиња, кои веќе предизвикуваат воодушевување кај посетителите и персоналот на зоолошката градина.
Од ЗОО информираат дека младенчињата се уште се многу мали и најголемиот дел од денот го минуваат покрај својата мајка, која постојано се грижи за нив и ги чува во безбедна средина.
Според вработените, малите волци се однесуваат сосема природно за нивната возраст. Тие најчесто престојуваат во засолништа и дупки, каде што се чувствуваат сигурно, а само повремено излегуваат надвор за кратко да ја истражат околината.
Фотографиите што ги сподели Скопје ЗОО се направени во ретки моменти кога љубопитните младенчиња се појавуваат надвор од своето скривалиште, пред повторно да се вратат под будното око на мајката.
Новото потомство веќе привлекува големо внимание кај љубителите на животните. Од зоолошката градина најавуваат дека посетителите во наредниот период ќе имаат можност да го следат нивниот развој и да ги гледаат како од ден на ден стануваат посамостојни и поразиграни.
Веста ја пренесува Skopje1.mk


