Поранешниот директор на Царинската управа и ексградоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев, денеска беше донесен во Основниот кривичен суд во Скопје со полициска придружба и лисици на рацете. Судот треба да одлучи дали ќе му бидат изречени мерки за обезбедување на неговото присуство во понатамошната постапка.
Случајот произлегува од кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Освен Богоев, опфатени се и помошник-директор од Царинската управа, две лица од приватниот сектор и една компанија.
Според наодите на истрагата, во периодот од јули 2023 до март 2024 година, во тендер за одржување на хигиената на граничните премини и царинските терминали биле поставени услови што ја ограничувале конкуренцијата. На тој начин, како што се сомневаат надлежните органи, била фаворизирана одредена фирма за добивање на договорот.
Финансиската полиција проценува дека со ваквото постапување на компанијата ѝ била овозможена незаконска имотна корист во вредност од над 18,4 милиони денари.
Покрај спорниот тендер, предметот опфаќа и сомнежи за коруптивни дејствија, односно поткуп и посредување при вршење незаконско влијание врз службени лица. Истражителите тврдат дека едно од осомничените лица ги користело своите врски и влијание за обезбедување одредени службени одлуки и постапки кои не смееле да бидат спроведени, при што биле нудени и ветувани различни користи и подароци.
Во пријавата дополнително се наведува дека Богоев во периодот од мај 2024 до февруари 2025 година, наводно побарал и примил подароци и други бенефиции, дел лично, а дел преку посредник.
Против осомничените се води постапка за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба при јавни набавки, примање и давање поткуп, како и примање награда за незаконито постапување.
Натамошниот тек на истрагата е во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое ќе одлучува за следните процесни активности.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
