Бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова Чамова, уште на почетокот од својот мандат предизвика реакции со обраќањето кон македонските претставници како „северномакедонски колеги“. Таа порача дека Македонија мора да ги исполни обврските преземени во договорот со Европската унија од 2022 година и да ги реализира потребните политички чекори за продолжување на евроинтегративниот пат.
На состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Брисел, Петрова Чамова истакна дека ставовите на Бугарија повеќе не се дел од билатерален спор, туку се вклучени во официјалниот процес меѓу Европската унија и земјата кандидат.
„Остваривме коректен прв контакт со македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Позицијата на Бугарија од 2022 година е составен дел од европската рамка и не претставува само билатерално прашање“, изјави таа.
Според бугарската министерка, држави од регионот како Албанија и Црна Гора веќе напредуваат во евроинтеграциите, додека Македонија ризикува да остане надвор од актуелниот процес на проширување.
„Следните неколку години може да бидат клучни за проширувањето на Унијата. Доколку шансата не се искористи навреме, последиците може да бидат сериозни“, нагласи Петрова Чамова.
На нејзините изјави реагираше министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој појасни дека немало официјална билатерална средба меѓу двајцата министри, туку само краток разговор за време на настанот.
„Би сакал да појаснам дека денеска немавме официјална средба. Стануваше збор за кратка комуникација на маргините на настанот, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се смета за средба, тогаш денес имавме многу такви ‘средби’“, истакна Муцунски.
Тој дополнително реагираше и на употребата на терминот „северномакедонски“, оценувајќи го како несоодветен и навредлив.
„Македонците се Македонци. Тоа не е политичко прашање, туку прашање на почитување на идентитетот и достоинството на народот. Во дипломатијата, точноста во изразувањето е одраз на меѓусебна почит“, порача Муцунски.
Веста ја пренесува Infomax.mk
