Болката и страдањето што ги преживеал таткото на две деца, кој речиси го изгубил животот за време на рутинска стоматолошка интервенција, е нешто што не може да се замисли. Даниел Ерчеј од Унгарија, кој требало да го извади само умникот, паднал во кома по процедурата. Кога се разбудил, започнал да зборува на странски јазици, но не и на мајчиниот – унгарскиот, додека половина од неговото тело било парализирано.
Иако лекарите веќе се откажале од него, оваа неверојатна приказна завршува со значително опоравување на Даниел, кој сега е близу целосно закрепнување по долгиот и тежок период на рехабилитација.
„Како млад бев активен каратист, но многу пати ми се искривувала вилицата, дури и кога само се прозевав. Затоа решив да се оперирам. Операцијата беше само за да ми се извади скршениот заб“, изјавил 44-годишниот Даниел, објаснувајќи ги причините за неговата посета на стоматолог.
Интервенцијата се извршила во мај 2021 година. По операцијата, тој бил ставен под анестезија без претходни прегледи, и паднал во кома. Кога се разбудил четири дена подоцна во болница во Будимпешта, дознал дека неговата десна страна била целосно парализирана.
„Лекарите ми рекле на мојата сопруга да ги донесе нашите деца, бидејќи тие мислеа дека ќе умрам. Се разбудив, но бев во шок кога открив дека не можам да зборувам на унгарски. Наместо тоа, започнав да зборувам англиски и француски, јазици што ги научив порано“, раскажува Даниел.
Неговото опоравување било долго и тешко. По три недели во болница, тој бил префрлен на рехабилитација. После месец дена интензивна терапија, Даниел почнал да се враќа во нормала, и по шест месеци физикална терапија, успеал да започне да трча повторно. Но, за него болката и вкочанетоста останале, а неговата десна страна понекогаш се вкочанува кога времето се менува.
„Се чувствувам многу подобро, но последиците од операцијата ќе ги носам цел живот. Еден ден ми дојде сметка за процедурите, која беше неколку стотици илјади форинти. Ова е еден од најчудните и најболни моменти во мојот живот“, додал Даниел.
Иако многу луѓе му предложиле да поднесе тужба, тој сè уште не се одлучил, бидејќи времето за тоа истекува поради застареност. Според него, анестезиологот можеби направил грешка, која можела да доведе до сериозен медицински проблем.
Научно објаснување за феноменот
Зад промените во јазикот по будењето од кома стојат два невролошки феномена: синдромот на странски акцент (FAS) и двојазичната афазија. Истражувањата покажуваат дека мозокот ги складира мајчиниот и странските јазици во различни делови, што може да доведе до ситуација во која мајчиниот јазик е привремено потиснат, а странскиот јазик останува доминантен.
Овој феномен настанува кога оштетувањето на мозокот влијае на говорните центри, што доведува до тоа пациентите да го користат странскиот јазик наместо својот мајчин, како резултат на мозочната реорганизација.
Веста ја пренесува Канал5.
