Четворица црногорски морнари се наоѓаат на бродот „MSC Francesca“, кој беше запрен и запленет од страна на иранската Револуционерна гарда во Ормутскиот теснец, соопшти министерот за поморство Филип Радуловиќ.
Според неговите информации, од бродот е потврдено дека сите членови на екипажот, вклучително и црногорските морнари, се во добра здравствена состојба и се наоѓаат на безбедно.
Во моментов се водат разговори меѓу бродската компанија и иранските власти, додека државните институции се во постојана комуникација со екипажот и ги следат случувањата.
Радуловиќ порача дека Црна Гора им дава целосна поддршка на морнарите и нивните семејства, нагласувајќи дека ќе бидат преземени сите потребни чекори за нивна безбедност и за позитивно разрешување на ситуацијата.
Според извештаи од државни медиуми, иранските сили заплениле два контејнерски брода во стратешки важниот Ормутски теснец, само неколку часа по најави за продолжување на примирјето меѓу САД и Иран.
Револуционерната гарда на Иран тврди дека бродовите биле задржани поради наводни прекршувања на правилата за пловидба и загрозување на безбедноста во морскиот сообраќај.
И двата пловни објекти претходно пријавиле инциденти и напади во близина на бреговите на Иран и Оман.
Веста ја пренесува Standard.co.me
