Фото: Принтскрин
Нова политичка тензија се појавува на релација Скопје–Софија, откако бугарски европратеник испрати јасна порака дека Македонија може повторно да се соочи со блокада на својот европски пат.
Според неговите изјави, секоја евентуална промена во веќе договорениот европски консензус би ѝ дала можност на Бугарија повторно да стави вето на членството на земјава во Европската Унија.
Тој остро го критикуваше однесувањето на македонските политичари, оценувајќи дека со одредени потези се нарушуваат договорените правила и принципи кои важат за сите земји кандидати. Во таа насока, нагласи дека процесот на пристапување бара почитување на веќе прифатените обврски, без обиди за нивно менување во последен момент.
Реакцијата доаѓа по иницијативата на европратеник кој предложи измени во извештај поврзан со напредокот на Македонија, со што се отвора прашањето за дел од договорите со Бугарија, како и условите за почеток на преговорите.
Од бугарска страна се потенцира дека постигнатите договори, вклучително и таканаречениот „француски предлог“, веќе се прифатени од сите земји членки на ЕУ, како и од македонските институции, и дека нивната имплементација е обврзувачка.
Дополнително, беше посочено дека постои усогласена позиција меѓу клучните бугарски институции – од претседателот до владата и парламентарните партии – во однос на ова прашање.
Пораката што се испраќа од Софија е дека секое отстапување од договореното може да доведе до нова блокада, што повторно го става процесот на евроинтеграција на Македонија во неизвесност.
