Тринаесетгодишен ученик нападнал наставничка на возраст од 58 години пред основно училиште во италијанскиот град Бергамо, пренесуваат локалните медиуми.
Според информациите, момчето ја нападнало жената со нож токму во моментот кога учениците започнувале да влегуваат во училиштето. Наставничката првично добила медицинска помош на лице место, но поради сериозноста на повредите итно била пренесена со хеликоптер во болница, каде што се наоѓа во тешка состојба.
Полицијата успеала брзо да го совлада напаѓачот и да го приведе. Кај него, покрај ножот, бил пронајден и пиштол без муниција.
При апсењето, ученикот носел воени панталони и маица со натпис „Vendetta“, што во превод значи „одмазда“, што дополнително ја зголемува загриженоста околу мотивите за нападот.
Надлежните служби започнале истрага за да ги утврдат причините и сите околности поврзани со овој шокантен инцидент.
За случајот бил информиран и италијанскиот министер за образование, кој лично контактирал со болницата за да се информира за здравствената состојба на повредената наставничка.
Веста ја пренесува Adria.tv
