Во Злокуќани, на улица Скупи 20, повторно се појави сериозен еколошки проблем кој ги загрозува жителите. На просторот покрај Градежниот институт, кој е дел од заштитеното зеленило, се формира дивa депонија каде се фрла секаква врста отпад, вклучително и градежен шут. Тоа не е само прашање на валканија – депонијата веќе доведе до вистинска здравствена опасност.
Жителите алармираат дека поради насобраниот отпад, канализациската линија се затнува и фекалиите се враќаат на површина. На самата улица се создаваат бара од отпадни води на само неколку метри од куќите, што го прави воздухот неподнослив и ја зголемува опасноста од ширење на инфекции.
Според пријавата поднесена до Општина Карпош, проблемот е повторлив. На местото на шахтата често се крадат бетонските капаци, кои потоа се продаваат за арматура. Жителите дури и сами ги заменувале капаците, но минатото лето, додека градежна фирма расчистувала шут, багерот ја оштетил шахтата и ја скршил капачката. Тоа предизвикало затнување на канализацијата и излевање фекалии во близина на куќите. Службите на ЈП „Водовод и канализација“ тогаш интервенирале, но по само шест месеци ситуацијата се повторила.
Жителите велат дека тоа се случува и поради несовесни лица кои, покрај отпадот што го фрлаат од дома, дури и поместуваат капаци од шахтите за да фрлаат ѓубре директно во канализацијата. Денес повторно е забележано затнување и излевање, а постои и ризик фекалиите да навлезат во куќите преку одводот.
Луѓето уверуваат дека доколку надлежните излезат на терен, лесно може да се идентификуваат дел од сторителите. На ова место има камери за надзор од Градежниот институт, како и од фабриката „Бас Тути Фрути“, кои можат да помогнат во откривање на виновниците. Дополнително, во купиштата ѓубре се наоѓаат документи од фирми кои ги фрлаат своите отпадни материјали, меѓу кои се споменуваат „Моцарт Бет“, „Перпетуммобиле“, „Паком“ и други.
Жителите потсетуваат и на минатогодишниот настан кога куќи во ромското маало беа опожарени, а Општината им додели финансиска помош за реконструкција. Сепак, додаваат, тоа не им дава право да го исфрлаат шутот од изгорените домови во заштитениот зелен појас.
Сега, како што стои во пријавата, очекуваат Општина Карпош и инспекторатот да преземат итни мерки: да се расчисти дивата депонија, да се одзатне канализациската линија и да се поднесе кривична пријава против сторителите.
