Тешко кривично дело е регистрирано во Богданци, каде што 39-годишен маж е лишен од слобода под сомнение дека ја усмртил својата мајка.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 12 јануари 2026 година, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија го привеле П.С. (39) од Богданци, поради сомнение за сторено кривично дело „убиство“.
Според првичните информации, на 11 јануари 2026 година околу 21:00 часот, во стан во кој заедно престојувале, дошло до вербална расправија помеѓу осомничениот и неговата мајка М.С. (58), која прераснала во физичка пресметка. Во текот на конфликтот, П.С. со остри предмети ѝ нанел повеќе убодни рани во пределот на главата, од кои таа починала.
Смртта била констатирана од страна на лекар од Итната медицинска помош од Гевгелија. На 12 јануари, во 07:05 часот, осомничениот сам се пријавил во Полициската канцеларија во Богданци.
Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и полициска екипа од ОВР Гевгелија. По наредба на обвинител, телото на починатата е предадено на обдукција.
Против осомничениот во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „убиство“, а истрагата продолжува.

Фото: МВР
