Денеска, во Основниот кривичен суд во Скопје, се одржа рочиште во рамки на случајот „Онкологија“. Пред судот сведочеа двајца лекари специјалисти, како и застапници на оштетени пациенти.
Даниела Попоска, онколог и радиотерапевт со долгогодишно искуство на клиниката, појасни кои терапии се комбинираат со лекот палбоциклит. Таа објасни дека лекот не се користи со хемотерапија или бевацизумаб, туку се комбинира со хормонска терапија како анастерзол или фулвестранд.
– Палбоциклитот не се дава заедно со хемотерапија или бевацизумаб. Во практиката се комбинира со една од хормонските терапии, како анастерзол или фулвестранд, но не и со мегаце, рече таа.
Попоска исто така наведe дека секој лекар подготвувал предлог за терапија, но конечната одлука ја носел директорот на клиниката, додека конзилиум за таргет терапија не постоел.
Зоран Атанасов, доктор со 35 години искуство, сведочеше дека одлуките за таргет терапија првично се одобрени од директорот, а подоцна бил формиран стручен колегиум со сите раководители на оддели.
– Прво одлуките се носеа со параф на директорот, а потоа се формираше конзилиум со присуство на сите раководители на оддели, каде се одлучуваше за примена на терапијата, објасни тој.
Атанасов посочи дека протоколите за дозирање се менуваат со развојот на науката и дека секоја терапија мора да биде поткрепена со медицински анализи.
На рочиштето, обвинетата Симонида Црвенковска поставуваше прашања до сведоците за методите на примена на терапиите, додека обвинителството настојуваше да утврди дали процедурите биле во согласност со протоколите.
Сведок – син на оштетен пациент, објасни дека неговиот татко примал терапија и зрачења, но дека имал проблеми со закажување на ПЕТ скен кој, наместо во јуни, бил извршен дури кон крајот на август.
– Бев информиран дека списоците за ПЕТ скен ги прави д-р Нино Васев. Кога отидов во неговата канцеларија, го оставив името и контакт информации. По две-три недели не добивме повик, па повторно отидов и списокот повторно беше воден, но името на татко ми не беше внесено, раскажа сведокот.
Тој потврди дека дијагнозата од Дубаи – неситно клеточен аденокарцином во четврти стадиум – била потврдена и со испитувања во приватна лабораторија во Македонија, и дека неговиот татко примал крвни трансфузии и терапија против болка. Сведокот најави дека ќе се приклучи кон кривичниот прогон.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, заедно со онколозите Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски, се обвинети за несовесно лекување на пациенти. Постапката започна и против Мери Пешевска, која призна вина и доби условна казна од две години затвор.
Обвинението ги товари лекарите за „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што 29 пациенти примиле неподобни терапии, со неправилно дозирање и без соодветна процена на здравствената состојба. Покрај тоа, против Васев и поранешниот економски директор е поднесено обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари за државниот буџет.
