Фото: Goran Tonev/Facebook
Минатиот викенд Скопје повторно се потопи во тишината и спомените, кога стотици граѓани учествуваа на „Маршот на ангелите“, оддавајќи почит на младите животи кои беа трагично загубени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Меѓу учесниците беше и Горан Тонев, гитарист на групата ДНК и преживеан од катастрофалната ноќ која засекогаш го обележа. По завршувањето на маршот, тој на Instagram објави кратка, но моќна порака која брзо привлече внимание од музичката сцена и пошироката јавност:
„Колеги, убаво што ги пеете песните на ДНК. А каде бевте на Маршот?“ – напиша Тонев, нагласувајќи ја важноста на вистинската солидарност, која не се мери само со настапи или статуси, туку со присуство кога тоа навистина е потребно.
Маршот се одвиваше во тивка и емотивна атмосфера. Семејства, пријатели и граѓани чекореа заедно, оддавајќи почит на младите животи што трагично згаснаа и носејќи порака дека нивната приказна не смее да се заборави.
Судскиот процес за случајот „Пулс“ е закажан да започне на 19 ноември, со првото рочиште кое ќе означи ново поглавје во потрагата по правда.

