Скопје синоќа се преполни со емоции и музика благодарение на легендарната македонска пејачка Калиопи. По завршувањето на концертот, таа на својот Фејсбук профил сподели искрена благодарност до сите кои беа дел од магичната вечер.
„Ах, Скопје… Ми требаше време да се разбудам од синоќешниот сон. Толку среќа и надеж на едно место… Ви се поклонувам мили мои, бескрајно сум благодарна што ве имам, што се имаме“, напиша Калиопи, истакнувајќи ја поврзаноста со своите обожаватели и тимот зад сцената.
Таа посебно се заблагодари на своите соработници, организацискиот тим, спонзорите и музичарите, нагласувајќи ја огромната поддршка која ја придружувала на сцената. „Ова беше првиот концерт, а со голема возбуда ги чекаме и следните настапи!“, додаде таа.
Концертот беше вистински празник на музиката, енергијата и љубовта кон македонската сцена, оставајќи траен впечаток кај сите присутни.
