Сопругата на починатиот пејач Андреј Ѓорѓиески од групата ДНК денес испрати силна порака од протестниот марш во Скопје: „Не сакаме да живееме со мисла дека некого можело да се спаси.“
Наталија Ѓорѓиеска побара од пратениците во Собранието да обезбедат целосна и независна истражна постапка за пожарот што избувна во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“. Тука, пред законодавниот дом, таа апелираше итно да се покрене надзорна расправа и да се формира анкетна комисија што ќе ги разгледа сите околности – од првичниот момент на пожарот, па сè до реакциите и евентуалните пропусти на надлежните служби.
„Мора да се открие зошто институциите реагираа доцна. Не сакаме да живееме со сомнеж дека можело да се спасат животи,“ изјави Ѓорѓиеска.
Таа посочи дека сегашната истрага оставила многу недоречености и дека одредени информации, според неа, не се доволно транспарентни пред јавноста.
Ѓорѓиеска нагласи дека оваа трагедија претставува грубо нарушување на основните човекови права – правото на живот, безбедност и навремена институционална заштита. Затоа, како што рече, анкетната комисија е неопходна за да се утврди дали постоело политичко или службено влијание врз постапките и за да се предложат конкретни мерки кои ќе спречат вакви случаи во иднина.
Маршот, кој доби силна поддршка од граѓаните, започна на плоштадот „Македонија“, по што колоната се упати кон Собранието и Кривичниот суд. Судскиот процес за случајот треба да започне за четири дена со првото рочиште.
