Фото: Принтскрин
Таткото на загинатата Надица во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Александар Наунов објави видео од нејзиното последно излегување од дома.
Александар сподели емотивна порака заедно со видеото кое било снимено од надзорна камера како девојчето за последен пат излегува од дома, по што трагично го губи животот во „дискотеката на смртта“.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ зема 63 животи, а ова е една од најголемите трагедии во историјата на Македонија.
„Последното затворање на вратата“
Тоа беше обично затворање на врата…
Но за мене – тоа беше последниот здив на мојот свет.
Моето дете, мојата Надица, ја затвори вратата со насмевка,
а јас не знаев дека зад неа ќе остане нејзиниот живот,
заробен во пламен, во неправда, во тишина што нема крај.
Наместо да ја чекам со внуци во прегратка,
јас ја чекам во соништата – таму каде што не гори.
Наместо нејзиниот глас, слушам ехо од болка,
наместо чекори по ходникот – тишина што ме гуши.
Помина време, но не и мојата болка.
Надица, ти остана вечна во моето срце,
во секоја свеќа што ја палам, во секоја солза што не престанува.
Твоето име ми е молитва, твојот лик – вечна светлина.
И додека светот заборава, јас ќе живеам за да те паметам“, објави таткото.
