Фото: Принтскрин
Орце Ѓорѓиевски се обрати пред јавноста, истакнувајќи дека победата не е само негова, туку на целиот град.
„Вечерва не победив само јас. Победивте вие. Скопје победи! Победи идејата дека овој град може да стане место на достоинство, ред и иднина“, порача Ѓорѓиевски. Тој нагласи дека победата ја однесе народот кој се спротивстави на неправдата и кој никогаш не се откажува.
„Вечерва ја славиме победата на духот над безнадежноста, на храброста, на народот над оние што го потценуваа“, рече тој, додавајќи дека борбата не завршува тука, туку само започнува.
Ѓорѓиевски истакна дека новото време ќе биде време на работа и дела, а не на изговори. „Ќе се борам против небрежноста, хаосот и рамнодушноста која му ја оставија на овој град. Ќе се борам за секое дете што заслужува подобра иднина, за секој човек што бара достоинство“, рече тој.
Тој им се заблагодари на своето семејство, тимот и граѓаните, со посебна благодарност до премиерот Христјан Мицкоски, кого го нарече свој „најсилен столб“.
Ѓорѓиевски ја заврши својата прва јавна изјава со мисла од Винстон Черчил: „Историјата ќе биде наклонета кон нас, затоа што јас имаме намера да ја напишеме.“
„Да живее Скопје! Да живее идејата дека најдоброто допрва доаѓа!“ заклучи новиот градоначалник.



