Фото: Принтскрин
На 17 октомври во Тирана е најавен голем протест под слоганот „Слободата има име“, организиран како израз на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои моментално се соочуваат со судски процес во Хашкиот трибунал поради обвиненија за воени злосторства.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, преку својот профил на Фејсбук го најави протестот и упати јавен повик до сите Албанци, без разлика каде живеат, да се приклучат на настанот.
Во објавата, Рама сподели и фотографија со натпис „Јас сум УЧК“, најавувајќи дека во Тирана ќе се одржи „сензационален протест“ во знак на солидарност со обвинетите поранешни лидери на ОВК.
„Со задоволство и чест ги убедувам организаторите да ја објават оваа покана – повик: СЛОБОДАТА ИМА ИМЕ. Од Косово, Северна Македонија, Албанија, дијаспората и од секој агол од албанските земји – илјадници срца ќе се обединат овој петок, 17 октомври, во 17 часот, за едногласно да побараат правда за ослободителите“, објави Рама.
