Основното јавно обвинителство во Битола отвори истрага против осум физички и едно правно лице за злоупотреби поврзани со јавни набавки во РЕК Битола. Меѓу осомничените е и Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, кој, според извори на 360stepeni.mk, е уапсен.
Петмина службени лица во РЕК Битола, меѓу кои тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители во ПЕ Рудници, се сомничат дека во текот на 2023 година со намера да им обезбедат противправна корист на други, го оштетиле РЕК Битола. Тие, спротивно на рударскиот проект и потребите на рудникот „Живојно“, организирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“.
Правното лице и неговите управители се сомничат дека, и покрај тоа што знаеле дека работите не се извршени, доставувале фактури за кои РЕК Битола незаконски исплатил над 106 милиони денари, со вклучен ДДВ. Со тоа, според Обвинителството, сториле продолжено кривично дело – злоупотреба на јавен повик и јавно-приватно партнерство.
Преку предистражни дејствија, преземени од Управата за финансиска полиција, се обезбедени докази дека службените лица не ја извршиле својата должност со цел да му се стекне противправна корист на фирмата и да се наруши законската економичност и ефикасност во јавните набавки.
Тројца од раководителите и едно службено лице се осомничени и за измама во службата, бидејќи потпишувале документи за завршена работа, иако знаеле дека компанијата не ги реализирала договорените обврски.
Јавниот обвинител денеска ќе поднесе предлог до Основниот суд во Битола за определување мерка притвор за Борче Марковски и еден раководител од ПЕ Рудници, додека за други две лица и еден вработен во компанијата се предвидени мерки на претпазливост.
Обвинителството и Управата за финансиска полиција наведуваат дека овие постапки се дел од поширока истрага за злоупотреби во јавните набавки во РЕК Битола, кои се одвивале во периодот 2023–2024 година.
