
Во земјава денеска беше извршена историска мерка – 79-годишен велешанец стана првиот осуден кој ќе ја отслужува својата казна во домашни услови со помош на електронска алка.
Овластени службеници од Секторот за пробација во Велес поставија електронска опрема за надзор на осуденото лице, кое ќе остане во својата куќа за време на три-месечната казна. Тој има право да излегува на свеж воздух најмногу два часа дневно, информираше директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.
Пандов нагласи дека, во случај на непочитување на правилата за користење на алката, пробациските службеници ќе ја известат судската власт, согласно законот за пробација.
Според него, оваа мерка е и поекономична за државата, и воедно поумана, особено имајќи ја предвид возраста на осудениот.



