
Фото: Принтскрин
Судењето за случајот „Штекли“, во кој повеќе лица се товарат за организирана трговија со дрога, е одложено и ќе продолжи на 9 октомври. Причина за прекинот беше здравствениот инцидент на првообвинетиот Раде Трајковски – Штекли, кој непосредно пред стартот на денешното рочиште добил епилептичен напад и се онесвестил во судницата.
Екипата на Брза помош интервенирала веднаш, но Штекли одбил да ја прими понудената терапија. Поради тоа, Судот реши обвинетиот да го следи рочиштето од друга просторија во зградата.
„Го прегледавме и беше контактибилен, иако самиот тврдеше дека не знае каде се наоѓа. Одби да прими терапија со образложение дека веќе примал друга во затвор. Не сакаше ниту да потпише изјава дека одбива третман,“ посочи дежурната докторка.
Адвокатот на Штекли, Сашко Дуковски, пред Судот нагласи дека епилептичниот напад не може да се третира како нарушување на редот.
„Мојот клиент не направи ниту еден инцидент во судницата. Станува збор за здравствен проблем, не за недолично однесување. Вчера беше прегледан од психијатар и му беше дадена терапија поради суицидални мисли. Дури и лекарот од Брза помош денеска не кажа дали ја примил предвидената терапија. Токму тоа може да биде причината за нападот,“ истакна Дуковски, додавајќи дека одбраната нема никаква корист од одолговлекување на постапката.
Судијата Илија Трпков рече дека Судот мора да обезбеди фер постапка за сите обвинети, но и да внимава на нивната здравствена состојба.
„Со оглед на околностите и фактот дека расправата веќе трае со часови, главната расправа ја одложуваме за 9 октомври. Сепак, сите евентуални обиди за одолговлекување ќе бидат санкционирани,“ нагласи судијата.
Обвинителството за организиран криминал во предметот опфати 10 лица, по долга истрага во која биле користени посебни истражни мерки. Првично обвинети биле 16 лица, но седуммина прифатиле спогодби и веќе издржуваат казни од три до три и пол години. Дополнително, четворица обвинети побарале да признаат вина, по што постапката за нив е раздвоена.
Според обвинението, групата била добро структуирана – од набавка до продажба на кокаин и марихуана, кои се складирале во изнајмени станови и се препродавале по цена од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Клучни докази биле добиени преку анализа на мобилни телефони со системот „Cellebrite“, обезбеден како донација од САД.