
Фото: Принтскрин
Основното јавно обвинителство – Скопје отвори постапка против четири лица за кои постои сомнение дека со заеднички дејствија сториле кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“, предвидено во член 230 од Кривичниот законик.
Обвинителството најави дека до судијата на претходна постапка ќе поднесе барање за определување мерка 48-часовен притвор, со цел прибирање и обезбедување на докази.
Меѓу лицата опфатени со истрагата се 56-годишен управител и сопственик на две компании, 22-годишна управителка на трета фирма, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во едно правно лице. Се разгледува и можната одговорност на други засегнати страни.
Надлежните органи продолжуваат со собирање докази врз основа на наредбите издадени од јавниот обвинител. Министерството за животна средина, пак, треба да ги достави резултатите од извршените мерења на степенот на загаденост предизвикана од пожарот.