
Фото: Принтскрин
Основното јавно обвинителство во Кавадарци достави наредба до Одделението за внатрешни работи Неготино, со која бара проверка на околностите под кои едно лице се стекнало со возачка дозвола и инвалидска пензија.
Истовремено, е побарано да се испита автентичноста на медицинската документација користена при добивањето на овие права, како и да се утврди дали постојат евентуални неправилности во постапките.
„Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Обвинителен акт против едно лице за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, на 03.12.2024 година, на регионалниот пат Р1103 Лакавица-Дреново-делница Пепелиште-Неготино, управувал товарно моторно возило „Ситроен џампер“ со велешки регистарски ознаки иако во тој момент не поседувал важечка возачка дозвола, односно истата му била со истечена важност. Кога пристигнал на критичното место викано „Лаки“ не обрнал внимание на пешаците кои се движеле во близина на работ на коловозот. Со ретровизорот удрил во главата на пешакот Ангелина Ангелова, која била отфрлена од патот и кај која биле предизвикани тешки телесни повреди – скршување на черепот, вратни пршлени и повеќе коски од кои починала. Кај оштетената исто така е утврден одреден пропуст бидејќи имала можност визуелно да го забележи товарното возило и навреме да го избегне, но тој пропуст е од секундарен карактер согласно извршеното вештачење.
Дополнително, во текот на постапката, јавниот обвинител обезбеди медицинска документација согласно која на обвинетиот му била утврдена попреченост – слепило со намалена видна функција од 99%. Врз основа на тоа, тој бил корисник на инвалидска пензија и додаток за утврдената попреченост, но и покрај тоа управувал со товарно возило во моментот на несреќата и во текот на истражната постапка успеал да ја продолжи возачката дозвола“, се вели во соопштението.