
Фото: DrDaniel Kirovski
Во исклучително несекојдневна ситуација, едно новороденче го започна својот животен пат на многу посебен начин – во амбулантно возило, на пат кон скопска болница. Бебето, женско, се роди пред пристигнување во породилиштето, а настанот го одбележаа емоции, радост и успешна интервенција од страна на медицинскиот тим.
Радоста била очигледна на лицата на присутните здравствени работници, кои со големи насмевки го пречекаа доаѓањето на новиот живот. Меѓу нив беше и д-р Даниел Кировски, кој на социјалните мрежи сподели фотографија од моментот, истакнувајќи дека бебето е здраво и во одлична состојба.
„Ново срце запиша први отчукувања – на пат, во амбулантно возило, во длабока ноќ.
Во моменти кога времето станува критично, кога нема простор за двоумење – животот си го наоѓа патот.
Имав чест да бидам дел од породување кое се случи во движење, само неколку минути по полноќ. Девојче – здраво, силно и прекрасно – дојде на свет во рацете на медицинскиот тим. Без родилна сала, но со целосна посветеност, мирна координација и срце полно адреналин.
Мајката и бебето се во одлична состојба.
Во вакви моменти потсетуваш зошто си го избрал овој повик – затоа што животот понекогаш се раѓа баш таму каде што најмалку очекуваш“, напиша докторот.