Инцидент пред Народното собрание на Србија ја разбранува јавноста, откако пратеничката на Српската напредна партија, Лидија Вукиќевиќ, била полеана со јогурт додека се движела кон влезот на институцијата.
Според информациите објавени во српските медиуми, зад инцидентот стои Марија Радовановиќ, поранешна секретарка на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Белград, која била меѓу граѓаните собрани пред Собранието во знак на поддршка на студентската листа.
На видеоснимка што се прошири на социјалните мрежи се гледа како жена ѝ се приближува на Вукиќевиќ од зад грб, ја полева со јогурт додека таа се качува по скалите, а потоа брзо се оддалечува и се губи меѓу присутните граѓани.
По влегувањето во Собранието, пратеничката се обрати пред јавноста видно вознемирена и со солзи во очите. Таа раскажа дека, покрај полевањето со јогурт, претходно била влечена за облеката и косата.
Вукиќевиќ оцени дека ваквото однесување е недозволиво, без оглед на политичките разлики, нагласувајќи дека секој има право на сопствено мислење, но дека несогласувањата не смеат да прераснуваат во физички напади.
Таа исто така изрази незадоволство од реакцијата на полицијата, тврдејќи дека и покрај присуството на голем број полициски службеници пред Собранието, никој не интервенирал за време на инцидентот.
Веста ја пренесува Kurir.rs




