Морничави детали за настанот во кој тешко беше повредена младата Сара од Охрид изнесе нејзината мајка, која тврди дека осомничениот Кристијан, во моментите кога девојката лежела во бессознание, верувал дека таа е мртва и побарал помош од својот татко за да се ослободи од нејзиното тело.
Според сведочењето на мајката, 31-годишниот осомничен телефонски разговарал со татка си и барал совет како да го прикрие случајот. Во разговорот, наводно, размислувал и за тоа да ја фрли девојката во провалија, додека татко му му давал насоки како да постапи.
Мајката изнесува и сериозни обвинувања за однесувањето на луѓето кои биле во близина на осомничениот. Таа тврди дека, и покрај потребата од итна медицинска помош, дел од нив одбивале да ја однесат Сара во болница. Дополнително, според нејзините наводи, Кристијан во еден момент побарал нож, со намера да ѝ зададе уште еден удар.
Во својата објава, мајката посочува и на наводна интервенција од тетката на осомничениот. Таа се сомнева дека жената контактирала со здравствената установа во која се лекува Сара, обидувајќи се да влијае врз содржината на медицинскиот извештај и повредите да бидат прикажани како полесни.
Особена загриженост кај семејството предизвикува можноста познанствата и политичките врски на осомничениот да имаат влијание врз текот на постапката. Мајката бара случајот да биде целосно расветлен и секој што евентуално учествувал во прикривањето или попречувањето на правдата да понесе одговорност.
„До кога ќе дозволуваме некој да мисли дека може да прави што сака, да избегнува одговорност и да се чувствува недопирлив само затоа што зад себе има партиски врски, моќни родители и познанства?“, прашува мајката.
Во меѓувреме, директорот на охридската болница „Св. Еразмо“, Харалампие Шокаровски, претходно за „Слободен печат“ информираше дека кај Сара биле направени повеќе медицински испитувања, меѓу кои и компјутерска томографија на главата.
При прегледите биле утврдени хематоми, модринки и нагмечувања, а поради здравствената состојба било одлучено девојката да остане во болница под лекарски надзор и опсервација.
Веста ја пренесува Слободен печат.


