Фото: Принтскрин
Црна Гора подготвува голема економска реформа која би можела значително да ги промени платите и пензискиот систем во земјата.
Владата планира од 1 јануари 2027 година да ги зголеми минималните нето-плати на износи од 1.000 до 1.400 евра, зависно од образованието што го бара работното место, а истовремено целосно да ги укине придонесите за пензиско осигурување.
Според предлогот на таканаречениот „Еуро модел“, минималната плата за работните места за кои е потребно основно или пониско образование би се зголемила од сегашните 600 на 1.000 евра. За работните места за кои е потребно средно образование, минималецот би изнесувал 1.250 евра, додека за позициите што бараат високо образование би достигнал 1.400 евра, наместо досегашните 800 евра.
Важно е што висината на минималната плата ќе зависи од образованието потребно за конкретното работно место, а не само од дипломата што ја поседува вработениот.
Втората голема промена се однесува на пензиските придонеси. Владата планира нивната стапка, која сега изнесува 10 проценти од бруто-платата, да се намали на нула.
