Сериозни обвинувања за односот кон пациентите во психијатриската болница „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир ја вознемирија јавноста. Поранешни пациенти и нивни блиски за хрватски „Индекс“ раскажале за искуства кои отвораат прашања за третманот, достоинството и безбедноста на лицата сместени во оваа установа.
Едно од највознемирувачките сведоштва доаѓа од жена која во февруари годинава била хоспитализирана на затвореното женско одделение. Таа тврди дека видела пациентка врзана за болнички кревет, облечена само во долна облека, додека вратата од собата била отворена. За своите тврдења доставила и фотографија.
„Се прашував дали човек има барем малку достоинство. Таа глетка ми остана во сеќавањето“, раскажала таа.
Но, ова не е единственото сведоштво што предизвикува загриженост. Поранешен пациент тврди дека во септември присуствувал на инцидент во кој постар човек, иако бил врзан за душек, паднал на подот и со часови барал помош. Според неговото раскажување, пациентот таму останал најмалку четири часа, а реакцијата на персоналот следувала дури со доаѓањето на утринската смена.
Дополнителни обвинувања изнела и мајка чииот син минатата година, кога имал 17 години, бил примен во болницата. Таа тврди дека медицински техничари го собориле момчето на подот и му го притискале вратот со колено додека му давале инјекција. По настанот, според нејзините зборови, тој се жалел на болки во вратот во следните две недели.
Сепак, сликата за болницата не е еднострана. Некои поранешни пациенти споделиле сосема спротивни искуства, нагласувајќи дека добиле професионална помош и поддршка од медицинскиот персонал. Еден од нив смета дека престојот таму му помогнал да ја стабилизира состојбата, додека друга пациентка посочила дека лекувањето ѝ го спасило животот.
Од раководството на психијатриската болница „Свети Иван“, редакцијата на „Индекс“ побарала официјален коментар за сериозните обвинувања, но одговор не добила до објавувањето на нивниот текст.
Целиот случај добива дополнителна тежина по смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш. Во тек е истрага за неговата смрт, а четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство.
Новите сведоштва дополнително го отвораат прашањето за тоа што се случувало зад затворените врати на оваа психијатриска установа.

