Премиерот Христијан Мицкоски очекува Алта банка да избегне стечај и наскоро да добие нов сопственик, односно друга финансиска институција која би ја презела банката.
Мицкоски денеска соопшти дека во изминатите неколку дена лично бил вклучен во разговорите и активностите за изнаоѓање решение за иднината на банката.
Тој изрази оптимизам дека процесот ќе заврши успешно и дека ќе биде обезбеден нов сопственик, со што би се избегнало отворање стечајна постапка.
„Голем оптимист сум дека ќе имаме финансиска институција, банка, која ќе биде сопственик на Алта банка. Значи, ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите и за луѓето кои имаат некаква релација со банката“, изјави премиерот.
Во своето обраќање, Мицкоски се осврна и на реакциите од опозицијата, обвинувајќи ја дека ширела паника во јавноста и посакувала банката да заврши во стечај.
Според премиерот, таквото сценарио нема да се оствари, а тој очекува позитивен исход од активностите за наоѓање нов сопственик.
Засега останува да се види која финансиска институција би можела да ја преземе Алта банка и кога би можел да биде финализиран процесот.
