Македонскиот фитнес-инструктор Јован Реџиќ оствари несекојдневен подвиг во Јапонија, откако успеа да го подигне прочуеното копје на Бенкеи, кое се чува во древниот храм Кијомизу-Дера во градот Кјото.
Ова не е обично копје, туку вистински тест за физичка подготвеност и ментална цврстина. Железниот предмет е долг 2,6 метри и тежи неверојатни 96 килограми, а неговото име со векови се поврзува со храброст, моќ и непокорност.
Зад копјето стои и една фасцинантна приказна. Бенкеи, легендарниот јапонски воин, според преданијата, водел дури 999 самурајски борби. Неговата животна приказна завршила во легендарна битка, кога, и покрај многубројните стрели што го погодиле, останал исправен покрај својот господар. Овој настан останал запаметен како „стоечката смрт“.
Копјето подоцна било подарено на храмот за време на периодот Меиџи и со текот на времето станало симбол на исклучителна физичка сила. Според јапонското предание, неговото подигнување е подвиг што го можат само навистина силните и истрајни.
Успехот на Реџиќ е повеќе од обичен тест на мускулната сила. Со овој впечатлив потфат, македонскиот фитнес-инструктор привлече внимание и го претстави македонското име на место каде што традицијата и легендите се пренесуваат со векови.
Веста ја пренесува Infomax.mk
