Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, отвори прашање за можен случај на дискриминаторско означување во системот на ЕВН Македонија, откако на социјалните мрежи сподели фотографија на која се забележува спорен назив за едно од мерните места на компанијата.
На објавената фотографија од системот на ЕВН Македонија, едно од мерните места е заведено под називот „Кај Циганите“, што предизвика реакција од пратеникот Амар Мециновиќ, кој побара објаснување од компанијата за употребата на ваквата терминологија.
Станува збор за ознака со навредлива терминологија насочена кон ромската заедница, која, според објавениот приказ, се појавува во делот за евиденција на долгови. Објавата предизвика прашања за тоа како се внесуваат и користат податоците во системите на компанијата, но и дали ваквата практика е во согласност со принципите на еднаков третман.
Мециновиќ побара од ЕВН да се произнесе дали навистина користи вакви називи за идентификација на мерните места и кој дозволил нивно внесување во системот.
Според него, недозволиво е граѓаните да бидат означувани преку навредливи изрази поврзани со нивната етничка припадност. Тој оценува дека ваквата терминологија, доколку е дел од службената евиденција, може да придонесе за дополнително стигматизирање на ромската заедница и нарушување на нејзиното достоинство.
Пратеникот посочува дека компанијата треба итно да го испита случајот, да ја отстрани спорната ознака доколку се потврди нејзината употреба и да утврди како дошло до нејзино внесување. Воедно, бара преиспитување на начинот на кој се именуваат и категоризираат мерните места во системот.
Засега нема официјална потврда од ЕВН Македонија за потеклото и автентичноста на прикажаниот податок. Не е разјаснето ниту дали станува збор за интерна ознака, стар запис или воспоставена практика во компанијата.
Веста ја пренесува Premiernews.mk

