Голема полициска акција поврзана со работењето на приватната болница „Санте Плус“ и Фондот за здравствено осигурување резултираше со повеќе апсења, меѓу кои се и сопственикот на болницата, Билал Кара, како и нејзината поранешна директорка Гериана Арапи.
Според неофицијалните информации, Кара по приведувањето бил спроведен во Основниот кривичен суд, каде што бил изведен пред судија на претходна постапка.
Неговото име и претходно се поврзуваше со истрага во Албанија, каде што минатата година била распишана потерница поради сомнежи за незаконско работење преку приватната здравствена установа „Интернешнл Медикер“, порано позната како „Санте Плус“.
Во Албанија, според тамошните медиумски извештаи, клиниката била предмет на проверки поради сомнежи за непријавен профит од околу еден милион евра. При контролите, наводно, биле откриени и лекови со поминат рок, како и производи за кои постоеле сомнежи дека биле нелегално внесени. Биле констатирани и неправилности поврзани со осигурувањето на дел од вработените.
Кара, кој е еден од сопствениците на клиниката, пред три години беше именуван за почесен конзул на Македонија во Турција, со седиште во Измир.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека акцијата била реализирана во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во рамки на истрага за сомнителни финансиски и други незаконски дејствија поврзани со офталмолошки интервенции.
Според досегашните информации, осомничените наводно наплатувале средства за извршените операции и од Фондот за здравствено осигурување, но и директно од пациентите.
Истрагата опфаќа сомнежи за оштетување на меѓу 3.000 и 4.000 пациенти, а меѓу осомничените има и поранешни и актуелни функционери од Фондот за здравствено осигурување.
Надлежните институции продолжуваат со постапките за целосно расветлување на случајот и утврдување на одговорноста на сите инволвирани.
Веста ја пренесуваNewz24live.com


