Врховниот суд не најде основ за промена на правосилната пресуда со која Стојанче Јовановски е осуден на единствена затворска казна од 12 години. Со оваа одлука, највисокиот суд ја остави непроменета казната за делата телесна повреда, загрозување на сигурноста, како и наведување и помагање во самоубиство.
Одлуката била донесена на седницата од 21 октомври, во рамки на предметот КВП2-101/26. Судскиот совет го разгледувал барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено од Јовановски преку неговите адвокати, но го оценил како неосновано.
Постапката се однесува на пресудите донесени од Основниот кривичен суд Скопје и Апелациониот суд Скопје. Првостепената пресуда, заведена под број К.бр.551/26, била изречена на 7 мај 2026 година, додека Апелација на 18 јуни, одлучувајќи по предметот КЖ-549/26, ја одбила жалбата на осудениот и ја потврдила одлуката на основниот суд.
Иако во најновото соопштение Врховниот суд не го наведува името на осудениот, ознаките и датумите на судските предмети се совпаѓаат со оние од постапката против Стојанче Јовановски.
Станува збор за случајот што ја потресе јавноста, а е поврзан со семејното насилство врз неговата сопруга Ивана и трагичниот настан од 2 март годинава во скопската населба Тафталиџе, кога животот го загубија Ивана и нивната шестгодишна ќерка Катја.
Јовановски е прогласен за виновен за телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, кривични дела предвидени во членовите 130, 144 и 128 од Кривичниот законик.
Со последната одлука на Врховниот суд, одбраната не успеа да ја оспори правосилната пресуда, па казната од 12 години затвор останува непроменета.
Од Врховниот суд информираат дека одлуката ќе биде објавена на официјалната интернет-страница на институцијата, согласно законските прописи за управување со движењето на судските предмети. Засега, во соопштението не се образложени конкретните причини поради кои барањето на одбраната било одбиено.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
